Чоко-малина Бомбици

1.7K

Здрави чоко-малина бомбици направени од само неколку едноставни состојки. Овие чоко-малина бомбици се совршен вегански десерт со којшто ќе ги импресионирате сите . Дали се сложувате дека спој на чоколадо и малина е секогаш добитна комбинација?

Мој совет е да направите дупла доза од овие бомбици зашто верувајте, многу се заразни. Се прават многу брзо и лесно, посебно ако имате процесор или појак блендер и буквално нема шанси да утнете нешто додека ги правите.

чоко-малина бомбици
Состојки потребни за чоко-малина бомбици

Овие бомбици се направени со само неколку состојки кои можеби веќе ги имате дома. Ги викам бомбици зашто тоа е нашето име за секое вакво благо, но всушност текстурата им е многу налик на трафлс, мека и се топи во уста. Потребно ви е:

  • Мелени јатки – јас користев бадеми и ореви, но може да користите јатки по ваш избор или тоа што веќе имате дома
  • Урми – вкусот на урма не се чувствува, но добивате доволно благи бомбици и супер кремаста текстура
  • Чоколадо – чоколадото го користиме и за смесата и глазура и затоа овие бомбици се супер чоколадни
  • Масло – го користиме за глазурата, јас користев кокосово масло, но може да користите било какво
  • Малини – малините се највкусен додаток за овие бомбици, им даваат свежина и убава киселост на бомбиците. Јас користев замрзнати малини и излезе супер.
Како да ги подготвите урмите?

Во многу од рецептите ќе видите дека урмите прво ги киснам во врела вода. Иако користам свежи урми кои се доста меки и сочни, киснењето во вода ги прави уште помеки и лушпата се вади лесно. За подготовка, само ги полевам урмите со врела вода и ги оставам да отстојат 10-15 минути. Потоа ги цедам и најчесто ја вадам лушпата, но тоа е скроз опционално.

Дали морам да ги мелам јатките?

Ако не ги измериме јатките, кога ќе ја блендираме смесата ќе останат поголеми парчиња од јатките и нема да ја добиеме таа ептен кремаста структура. Може да ги измелете во обичен блендер, па дури и мелница за кафе.

Како да ги чувам бомбиците?

Откако ќе ги направите бомбиците, ставете ги во стаклен и во пластичен сад и чувајте ги во фрижидер до една недела (иако не верувам дека ќе издржат толку) или пак уште поубаво, чувајте ги во замрзнувач и извадете да се одмрзнат по потреба.

чоко-малина бомбици

Чоко-малина бомбици

Совршен спој на свежина од малините и богат чоколаден вкус, комбинација што никогаш не ме разочарала. Зачувајте ги бомбициве и направете ги во првиот слободен саат, верувајте ќе им се допаднат на сите.
Подготовка30 minutes
Ладење30 minutes
Вкупно време1 hour
15 бомбици

Состојки

  • 150 г мелени јатки
  • 100 г свежи урми мерени без семка
  • 100 г црно чоколадо
  • 15 малини

Глазура

  • 100 г црно чоколадо
  • 2 лажици масло

Инструкции

  • Урмите оставете ги да отстојат во топла вода 10-15 минути и по желба извадете ги лушпите.
  • Стопете го чоколадото за бомбиците во микробранова или на плоча.
  • Потоа изблендирајте ги сите состојки во процесор или појак блендер.
  • Оставете ја смесата да се стегне малку во фрижидер, околу 15-20 минути.
  • Формирајте топчиња и во секое ставете по 1 малина.
  • Ставете ги бомбиците да се стегнат малку во фрижидер/замрзнувач и за тоа време направете ја глазурата
  • Чоколадото, заедно со маслото, стопете го во микробранова или на плоча и потоа прелијте ги бомбиците со чоколадото.

Notes

  • Од јатки, јас користев мешавина од бадеми и ореви.
  • Доколку немате процесор или појак блендер, изблендирајте ги само урмите, па потоа рачно мешајте ги другите состојки, но вака ќе оди поспоро.
  • Јас чоколадото заедно со маслото го топам во микробранова печка , го ставам на неколку пати по 30 секунди и промешувам за да не ми загори.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Recipe Rating




Close
Anamarija's Kitchen © Сите права задржани 2022.
Close