IBS(Синдром на иритабилно црево):Симптоми и насоки за подобрување на симптомите

930

IBS (Синдром на иритабилно црево): Симптоми и насоки за подобрување на симптомите

IBS e хронично и многу често нарушување кое може да има огромно влијание на секојдневниот живот на лицата коишто се соочуваат со ова. Застапеноста на IBS е скоро 20%, што не е малку. Причините за ова се навистина многу, а дел уште не ги знаеме. Од генетика, исхрана, стил на живот па се до абнормална секреција на серотонин и допамин и минати инфекции на пациентот.

Симптоми на IBS

IBS влијае на движењето и функционирањето на цревата, предизвикувајќи симптоми како абдоминална болка, надуеност и промена во зачестеноста или изгледот на изметот. Кај IBS всушност цревата се многу почувствителни, што резултира со различно реагирање на нормалните стимули, како движењето на храна, течност или гас низ нив.

Ваквите симптоми се чести и според застапеноста на дијареја и констипација IBS  се дели на IBS-D (дијареја), IBS-C (констипација), IBS-M (мешано) и некласифициран IBS. IBS е категоризиран како „функционално нарушување на цревата“ – што значи дека симптомите не се поврзани со некоја болест или некои структурни абнормалности. Наместо тоа, симптомите се поврзани со промена во начинот на функционирање на цревата – на пример промена во подвижноста (мотилитетот).

Сега, IBS е преименуван во „нарушување на интеракцијата црева – мозок“, со што се истакнува влијанието на комуникацијата што постои помеѓу цревата и мозокот. На пример, знаеме дека стресот може и да ги предизвика и да ги влоши симптомите на IBS. Студиите исто така покажуваат дека луѓето со IBS често се соочуваат со ментални здравствени состојби како депресија и анксиозност.

Жените многу почесто се соочуваат со IBS и тоа најчесто пред 50тата година. Тое е најверојатно поради влијанието на репродуктивните хормони врз мотилитетот и чувствителноста на цревата. Ова влијание често може да го приметите дури и да немате IBS кога за време на големи хормонски промени во текот на менструалниот циклус имате и промени во дигестијата.

Што предизвикува IBS?

IBS е навистина состојба на која влијаат многу фактори. Вистинскиот механизам на настанување на ова нарушување се уште не ни е познат, но важно е да ги разгледаме сите фактори кои постојано се истражуваат.

  • Оската црева-мозок – сега ни е познато дека емоциите, стресот, големи психолошки промени, преку оваа оска можат да влијаат на секрецијата на мукоза во цревата (заштитна бариера). И обратно, гастроинтестиналните симптоми може да влијаат на менталната функција.
  • Абнормална секреција на серотонин и допамин 
  • Зголемена интестинална пермеабилност (честички кои не треба да излезат надвор од цревата, излегуваат и предизвикуваат повеќе реакции во телото)
  • Промени во цревниот микробиом – улогата на микробиомот кај IBS се уште не е добро дефинирана бидејќи студиите многу варираат една од друга. SIBO, или пораст бактериите во тенкото црево, е пронајдено кај многу пациенти дијагностицирани со IBS, но нивната точна поврзаност не е целосно разјаснета.
  • Фактори од околината – психолошки стрес, инфекции, употреба на антибиотици, исхрана и интолеранции на храна.

Како е дијагностициранo?

Не постои еден тест што може да ви дијагностицира IBS. Не очекувајте и не му верувајте на некој кој на еден преглед од 15 минути ќе ви каже имате IBS. Бидејќи на IBS влијаат многу фактори, прво нешто што треба да се направи е да се исклучат сите можности за постоење структурен проблем. Тоа значи дека треба да се разгледа целата медицинска историја, да се направи детална крвна слика, да се испита столицата и да се разгледаат сите важи симптоми. По потреба и во зависност од симптомите се прави и колоноскопија или ендоскопија. Кога ќе се исклучат другите можности како целијакија или Кронова болест тогаш најверојатно ќе бидете дијагностицирани со IBS.

Како можам да ги намалам симптомите на IBS?

Нема стандардизирана терапија за синдром на иритабилно црево. Вашиот доктор најверојатно ќе ви препорача одредена терапија базирана на вашите симптоми. Најчесто тоа се спазмолитици (како метеоспазмил, колоспа ретард, симетикон..), пробиотици, антибиотик ( најчесто тоа е рифаксимин бидејќи има покажано добра ефикасност) или пак може да ви препорача лаксативи доколку имате констипација, лекови за подобрување на жолчната функција, па дури и антидепресиви. Од овие, не треба сите да бидат прв избор на терапија зашто најчесто не ја ни знаеме вистинската причина за симптомите. Лаксативи на пример, може да помогнат во краток временски период и да ви ги олеснат симптомите, но затоа имаат негативни ефекти од долго користење. Нефармаколошката терапија на IBS вклучува промена на животниот стил, исхрана и физичка активност.

Промени што можам да ги направам

Освен фармаколошка терапија можеме да направиме:

  • Промени во исхраната
  • Промени во животниот стил

Промени во исхраната

Промени во исхраната е прво нешто што треба да се направи кога се соочувате со симптоми на IBS. Сепак, треба уште многу истражувања во оваа област и поради самата природа на ова нарушување, секои промени и интервенции се целосно индивидуални. Овие совети се базирани на препораките од NHS и најновите истражувања и се добра стартна точка:

  • Редовен распоред на оброци, избегнување прескокнување оброци и многу големи оброци
  • Внимателно јадење и добро џвакање на храната
  • Доволен внес на течности (минимум 2 литри на ден)
  • Избегнување газирани пијалоци
  • Избегнување внес на премногу кофеин (максимум 2-3 на ден)
  • Намалување или целосно исклучување на внесот на алкохол
  • Избегнување на тешка и многу мрсна храна како пржени работи, кремови, чипсови, некои пецива и високо процесирани производи
  • Адаптирање на внесот на влакна според важите симптоми. Во многу случаи ќе треба да се намали внесот на влакна, особено растворливи влакна и најчесто доколку се соочувате со дијареја и голема подуеност
  • Имплементација на исхрана ниска во FODMAPs (ферментирачки олигосахариди, дисахариди, моносахариди и полиоли). Оваа промена треба да се направи само доколку немате подобрување на симпромите со примена на другите совети бидејќи оваа исхрана е доста рестриктивна. Ќе пишувам повеќе за неа во друг пост.

Промени во животниот стил

Некои од овие совети не се добро поткрепени со научни докази, но самата природа на ова нарушување е таква што и пристапот за подобрување на симптомите треба да биде малку поразличен и скроз индивидуален. Секако, не можете да имате никаков негативен ефект доколку ги практикувате овие совети, а намалувањето на целокупниот стрес е позитивно за секој. Исто така, за сите овие промени да имаат ефект треба да сте трпеливи и да им дадете барем 2-3 месеци пробен период. Не само за промените во животниот стил, туку и во исхраната. Еве некои работи коишто може да ги пробате:

  • Доволен сон и редовен распоред на легнување и станување (ако работите во смени ова може да биде предизвик)
  • Вклучување на физичка активност, барем 3 пати неделно и избегнувајте премногу интензивни физички активности.
  • Јога и медитација, промена на начинот на којшто нашето тело реагира на секојдневни стресори.

Што друго сакате да дознаете?

IBS  навистина може да има огромно влијание на вашето секојдневие. Во мојата борба со симптомите некои денови целосно ме истошуваа, други ме оставаа исфрустрирана и под уште поголем стрес зашто навистина не можев да имам нормални денови. Сега, во ретките периоди кога ќе ми се појават симптоми навистина не можам да разберам како сум живеела така секој ден. Не се срами и не чекај да побараш помош. Работите што ќе помогнат се за секој индивидуални и затоа е добро да имаш некој што ќе те води низ целиот процес.

Во коментар можете да напишете што друго сакате да дознаете во врска со IBS  или други дигестивни нарушувања.

Користена литература

Ford AC, Lacy BE, Talley NJ. Irritable bowel syndrome. N Eng J Med 2017;376:2566–78.

Adriani A, Ribaldone DG, Astegiano M, et al. Irritable bowel syndrome: the clinical approach. Panminerva Med. 2018; 60: 213-222

Ford AC, Sperber AD, Corsetti M, Camilleri M. Irritable bowel syndrome. Lancet. 2020; 396: 1675-1688.

Zhou Q, Zhang B, Verne GN. Intestinal membrane permeability and hypersensitivity in the irritable bowel syndrome. Pain. 2009; 146: 41-46.

Adriani A, Ribaldone DG, Astegiano M, et al. Irritable bowel syndrome: the clinical approach. Panminerva Med. 2018;

Mei L, Zhou J, Su Y, et al. Gut microbiota composition and functional prediction in diarrhea-predominant irritable bowel syndrome. BMC Gastroenterol. 2021; 21: 105.

Adriani A, Ribaldone DG, Astegiano M, et al. Irritable bowel syndrome: the clinical approach. Panminerva Med. 2018; 60: 213-222.

Irritable bowel syndrome in adults: diagnosis and management. London, United Kingdom: National Institute for Health and Care Excellence; 2017.

Saha L. Irritable bowel syndrome: pathogenesis, diagnosis, treatment, and evidence-based medicine. World J Gastroenterol. 2014; 20: 6759-6773.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close
Anamarija's Kitchen © Сите права задржани 2022.
Close