Како до подобар имунитет?

2.2K

Заинтересираноста за имуниот систем е многу зголемена последниве неколку години после сѐ што ни се случи. Идејата за зајакнување на вашиот имунитет е примамлива, но способноста да се направи тоа се покажала недостижна поради неколку причини. Имунолошкиот систем е токму тоа – систем, а не единствен ентитет. За да функционира добро, потребна е рамнотежа и хармонија. Клетките на имуниот систем се распространети низ целото целото: кожата, белодробната обвивка, обвивката на дигестивниот систем. Цревата и белодробните патишта, како и микробиомот, природни бариери во нашето тело, исто така може да кажеме дека се дел од имуниот систем.

Сè уште има многу што истражувачите не знаат за сложеноста и меѓусебната поврзаност на имунолошкиот одговор. Засега, не постојат научно докажани директни врски помеѓу начинот на живот и зголемената функција на имунолошкиот систем.

Но, тоа не значи дека ефектите од начинот на живот врз имунолошкиот систем не се важни. Истражувачите ги истражуваат ефектите од исхраната, вежбањето, возраста, психолошкиот стрес и други фактори врз имунолошкиот одговор.Секако, општите стратегии за здрав живот имаат смисла, бидејќи тие веројатно помагаат во функционирањето на имунитетот и доаѓаат со други докажани здравствени придобивки.

Фактори на коишто не можеме да делуваме кога се работи за имунолошкиот систем се генетиката, начин на раѓање, место на раѓање, раса, пол, .Фактори на коишто можеме да влијаеме се исхраната, фиџзичката активност, стресот, грижа за микробиомот, сонот. Збирот на сите овие работи е важен за целокупната функција на имуниот систем.

Практични совети за добро функционирање на имуниот систем:

Доволен внес на калории и протеини

За нормално функционирање на нашето тело секојдневно и постојано мора да се одвиваат одредени процеси како дишење, функција на бубрезите, дигестија на нутриентите кои ги внесуваме, срцебиење итн. Телото не може да опстане без овие процеси, а секој од овие процеси троши енергија.

Замислете, доколку за вакво основно функционирање на телото, без никакво движење, нам ни се потребни 1200 калории, а во еден ден консумираме 1300 калории, што всушност му оставаме на нашето тело за “неесенцијалните” системи како репродуктивниот систем, кожата и косата, оптимално функционирање на имуниот систем, ендокриниот систем итн.

Внесот на доволно калории и нутриенти има многу поголемо значење од само одржување на телесната тежина. Нашите тела не се створени за постојано да бидат во калориски дефицит. Доколку мислите дека се исхранувате “здраво”, со многу овошје и зеленчук, но често сте болни, настинати, уморни, косата ви паѓа… време е да го разгледате вашиот внес на калории, протеини, есенцијални масти.

Протеинот е исто така градежен елемент на сите антитела и клетки, а и мускулната маса се покажала како важна за функционирањето на имуниот систем (што значи дека треба да ја задржиме што е можно повеќе кога старееме).

Мастите, како и протеинот се градежен елемент на секоја клетка (кл. мембрана).

Јаглехидратите се важни не само како извор на енергија, туку и како извор на микронутриенти и диететски влакна. Одредени диететски влакна го хранат микробиомот кој има многу значајна улога во имуниот систем.

Намирници кои треба да бидат застапени во нашата исхрана

  • Овошје и зеленчук (шумско овошје како извор на антиоксиданси, сезонски намирници кои ги содржат сите потребни витамини), житарки, компири, мед
  • Месо, јајца, риба, грчки јогурт, урда, јогурт, сирење
  • Намирници богати со пробиотици и пребиотици (кисела зелка, туршија, кефир, овошје и зеленчук, целозрнести житарки)

Суплементи и функционална храна

Ако влеземе во аптека и ги разгледаме суплементите, има мал милион кои тврдат дека го подобруваат имунитет, но вистината е малку поразлична. Не постои некоја храна или суплемент што магично ќе го зголеми дејството на имуниот систем, а тоа не е и нешто што сакаме да го направиме. Такво зголемено дејство на имуниот систем се јавува во автоимуни болести како лупус и ревматски артритис, а тоа не е нешто што сакаме да го постигнеме.

Од специфична храна, лукот има доста истражувања коишто го поддржуваат неговото дејство против инфекциите. Куркумата исто така има изразени антиинфламаторни способности.

Внесот на суплементи е само плус, но е само како поддршка. Пример, витамин Ц, можеби еден од најкористените суплементи, е потребен во поголеми количини кога се бориме со инфекции. Цинкот исто така го намалува времетраењето на инфекциите. Секако, овие истражувања се направени на мала група и секое тело реагира различно.

Но, ниеден суплемент или специфична храна нема да има изразен ефект во нашето тело доколку не внесуваме доволно калории, протеин, есенцијални масни, диететски влакна.

Регулирање на стресот

Со ова темпо на живот, не знам дали постои некој кој нема воопшто стрес или секој ден го поминува целосно релаксирано. Ако има некој таков што ќе се пронајде, ми требаат сите tips&tricks.

Шала на страна, стресот е нешто што многу влијае на целото тело, не само на имуниот систем. Краткотрајните стресори се во ред и нашето тело знае како добро да се справи со нив. Проблемот е кога стресот е долгорочен и таа реакција што телото ја има кон краткотрајните стресори се случува постојано.

Телото троши многу енергија и во телото се случуваат доста процеси за регулирање на стресот па така имуниот систем е заборавен, а справување со стресот е “поитно”.

Регуларна физичка активност

Физичката активност игра огромна улога во нашето здравје, физичко и ментално. Го подобрува кардиоваскуларното здравје, ја одржува телесната тежина, мускулната маса и штити од многу болести. Како и балансираната исхрана, така и физичката активност е основа за оптимално функционирање на имуниот систем.

Да не заборавиме дека премногу физичка активност секако не е пожелна доколку сакаме нашето тело да функционира оптимално. Секогаш треба да се стремиме да имаме баланс и опоравувањето од тренинзите со добра исхрана, сон, одмор да ни биде приоритет.

Заклучок

Можеби дојдовте на овој пост и очекувавте дека ќе добиете некои рецепти за магични напитоци кои ќе ви го подобрат имунитетот, но реалноста не е баш таква. Нормално е да настинеме неколку пати годишно и да го избегнеме тоа е возможно само ако сме тотално изолирани од светот. 

Ако вакви настинки, инфекции се почести, тогаш прво нешто што треба да разгледаме се основите на здрав и балансиран живот, а последно да ни бидат некои суплементи кои тврдат дека ќе ни го зајакнат имунитетот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close
Anamarija's Kitchen © Сите права задржани 2022.
Close