Вкусни, здрави, мафини со моркови, ореви и кокос. Овие лесни овесни мафини со моркови се природно засладени со многу малку мед и банана, а како додаток може да направите и топинг со грчки јогурт. Прекрасен појадок во движење или оброк за meal prep!
Кој е вашиот омилен вид на торта? Мене прва на листата ми е секако интерконтинентал тортата на баба ми, а потоа торта со моркови. Едвај чекам следна недела да направам и споделам поздрава торта со моркови (керот кејк). Додека се спремам за Велигден и таа торта решив да направам вакви овесни мафини што беа совршени како брз доручек и ужина. За жал, ги снема многу брзо. Упс.
Состојки во овесни мафини со моркови
Ќе ви се допаднат едноставните, вкусни состојки во овие овесни мафини зашто не само што се супер за возрасни, туку и за дечиња. Бидејќи се многу малку засладени не содржат многу шеќер и сеодлични за прилагодување со забавни додатоци. Јас во пола од нив ставив и боровници. Прво, еве што ќе ви треба:
- Рендани моркови: ќе ви требаат 2-3 изрендани моркови, измерете тоа да бидат 100г.
- Банана: две помали испасирани банани или пак околу 200г пире од јаболка.
- Јајца: за дополнителен протеини и за да ја држат смесата заедно. Не сум ги пробала овие без јајца, но имам сличен веган рецепт за барови.
- Млеко: користев овесно млеко, но може да користите било какво.
- Грчки јогурт: го додадов исто за поубава текстура и протеин.
- Мед: за екстра засладувач, но може и да се избегне ако не сакате да бидат благи.
- Кокосово масло: ви требаат само 2-3 лажици кокосово масло за да додадеме малку масти и влажност на смесата.
- Овесни снегулки: јас користев ситни овесни снегулки зашто повеќе ми се свиѓаат за вакви рецепти.
- Прашок за пециво: да им помогнете на овие мафини малку да нараснат.
- Цимет: без цимет овесните мафини со моркови не се комплетни.
- Кокос: совршен додаток во рецептите со моркови.
- Вкусни додатоци: јас ставив сецкани ореви и боровници бидејќи немав суво грозје.
Замена на состојки во овесни мафини со моркови
Еве неколку замени со состојки што можам да ги препорачам за овесни мафини со моркови.
- Заменете ги бананите: ако немате или не сакате банани може да ги замените со пире од јаболка.
- Заменете го маслото: Ако немате кокосово масло, користете било какво масло или путер.
- Користете било какво млеко: Јас секогаш го користам тоа што го имам.
Како да ги направам овие овесни мафини со моркови?
Најдобриот дел е што овие мафини се прават во еден сад. Прелесно! Еве како да ги направите.
Подгответе ја тавата: Загрејте ја рерната и обложете калап за мафини со хартија за печење ако мислите дека се лепи.
Измешајте ги влажните состојки: Измешајте ги заедно морковите, бананите, јајцата, млекото, медот, грчкиот јогурт и кокосовото масло.
Промешајте ги сувите состојки: Потоа додадете го овесот, прашокот за пециво, циметот и кокосот. На крај, додадете ги оревите и други додатоци по желба.
Печење: Рамномерно распоредете ја смесата за овесни мафини во обложената тава за мафини и печете 25-30 минути.
Што ако немам тавче за мафини?
Не се секирај, смесата стави ја во обично тавче и кога ќе биде готова исечи ја на коцки. Вкусот е буквално ист и ќе заштедиш неколку 2-3 минути.
Тука погледни го начинот на подготовка
Други превкусни рецепти што можеби ќе ви се допаднат
Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3
Oвесни мафини со моркови (керот кејк)
Состојки
- 200 г овесни снегулки ситни
- 2 средни банани 200г
- 2 јајца
- 100 г рендани моркови
- 150 г грчки јогурт
- 1/2 чаша млеко 125мл
- 2-3 лажици мед опционално
- 2-3 лажици кокосово масло
- 40 г кокос
- 50 г сецкани ореви
- 1-2 лажички цимет
- 1 лажичка прашок за пециво
- овошје и суво грозје по желба
Инструкции
- Загреј ја рерната на 180 °С и обложи тавче за мафини.
- Испасирај ги бананите па во поголем сад измешај ги влажните состојки.
- Потоа додади ги сувите и промешај убаво.
- Распореди ја смесата во тавата за мафини. Мене ми излегоа 10 големи мафини.
- Печи ги околу 25-30 минути.