PCOS (Синдром на полицистични јајници)

1.6K

Синдром на полицистични јајници (PCOS) е најчестото репродуктивно хормонално нарушување кај жените. Зафаќа 5-10% од жените.

Симптоми на полицистични јајници

  • Нередовни циклуси или немање циклус
  • Потешкотии со забременување
  • Поголема длакавост (особено на лицето)
  • Акни и зголемено производство на себум
  • Губење на косата
  • Зголемена тежина (иако многу жени со PCOS имаат нормална тежина) и потешкотии со губење тежина
  • Депресија и анксиозност

Критериуми за дијагноза

Најмалку два од три критериуми мора да бидат исполнети:

  • Покачени андрогени (може да се испита преку крвна слика) или па е изразено со симптоми како зголемена длакавост а тело/лице и/или акни
  • Присуство на повеќе фоликули или цисти на јајниците (но, може да имаш цисти, а да немаш PCOS)
  • Нередовни циклуси или немање циклус

Што предзвикува PCOS?

Повеќе фактори играат улога во појава на PCOS. Хормони, генетика, животна средина и навики, но и интеракцијата помеѓу овие фактори. Инсулинска резистенција – каде клетките не реагираат соодветно на инсулин – е честа состојба кај многу жени со PCOS (ризикот е поголем ако BMI e поголем од 30). Повисоки нивоа на инсулин кај PCOS може да попречуваат нормално функционирање на репродуктивните хормони, што води до вишок производство на тестостерон кој потоа предизвикува ановулација (неуспех на јајниците да произведат јајце клетки) и нерегуларни циклуси.

Како се третира PCOS?

Животен стил: Регулација на телесната тежина, балансирана исхрана, регуларна физичка активност, менаџирање на стресот и оптимизирање на сонот.

Лекови: Постојат повеќе лекови кои се користат за менаџирање на различните симптоми на PCOS како инсулинска резистенција, нерегуларни/отсутни циклуси и овулација.

ИСХРАНА

Јаглехидрати: Исхрана со низок гликемиски индекс којашто обезбедува поспоро ослободување на енергијата и се покажало дека ја намалува инсулинската резистенција, ги подобрува хормоните и ги регулира циклусите кај тие со PCOS.

Омега 3 масни киселини: Овој вид на масти игра клучна улога во намалување на инфламацијата и подобрување на инсулинската резистенција. Спротивното е точно за исхрана којашто е богата со заситени масти и транс масни киселини.

Протеин: Истражувањата за протеински внес кај жените со PCOS се лимитирани, но протеинскиот внес може исто така да помогне со регулација на хормоните и шеќерот во крвта. Бидејќи протеинот е заситувачки, консумацијата на доволно протеин е важна и за лицата што сакаат да изгубат тежина.

СУПЛЕМЕНТИ

Инозитол: Mио-инозитол, што се користи сам или со D-хиро-инозитол (во однос 40:1) може да ја подобри инсулинската сензитивност, да го намали тестостеронот, да поддржи овулација и да го регулира менструалниот циклус.

Витамин Д: недостатокот на овој витамин е поврзан со инсулинска резистенција кај жените и жените со PCOS се посклони кон недостаток на овој витамин. Комбинирана терапија со витамин Д и калциум се покажала како ефективна кај жените со PCOS.

Други суплементи кои имаат помалку докази за ефикасност:

Хром пиколинат: Може да помогне со инсулинската сензитивност- сличен ефект на лекот метформин.

Коензим Q10: Може да игра улога во регулација на шеќерпт во крвта, инсулинот, хормоните и мастите во крвта (во некои студии е комбиниран со витамин Е).

Цимет: Може да помогне со регуларност на менструалниот циклус и инсулинска резистенција кај жените. Сепак, студиите не се баш конкретни, но доколку ви е вкусен циметот, нема да штети ако консумирате 1-2 лажички на ден.

Заклучок

Најдобро е да се има индивидуален пристап за третирање на симптомите на PCOS. Исхраната и промените во животниот стил се клучни за ваков вид на нарушувања и може да видите огромни разлики во вашите симптоми.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close
Anamarija's Kitchen © Сите права задржани 2022.
Close