Сочно пилешко филе во сос со кикирики. Малку поразлична вечера која ќе биде готова за половина час и совршен оброк за целото семејство. На овој оброк може да му додадете зеленчук, ориз или некој додаток по ваш избор. Верувајте дека ќе им се допадне на сите, особено крцкавите кикирики.
Кога се работи за ручек и вечера, знаете дека не експериментирам често, но пред некоја недела пробав нешто слично на овој оброк во ресторан и вкусот не го заборавив. Тоа значеше дека мора да го рекреирам рецептот и да направам моја верзија во којашто ќе ужива целото семејство.
Состојки за пилешко во сос со кикирики
Овој оброк е безглутенски и понизок во јаглехидрати од други вечери. Исто така овој оброк е совршен за meal prep, само загрејте го и вкусот е ист како пред два дена. Омилен дел кај овој рецепт ми се крцкавите кикирики, обожавам многу различни текстури во еден оброк. Да не заборавиме дека целиот оброк е готов за половина час.
За сосот ви треба:
- Путер од кикирики
- Хопла
- Кари
- Соја сос
- Чили
- Алкохолен оцет
Други состојки:
- Пилешко филе
- Маслиново масло
- Кари
- Печени несолени кикирики
- Бибер и зачини по желба
- Маслиново масло
- Сол
Со што да го сервирате пилешкото филе во сос со кикирики?
Овој оброк може да го сервирате со ориз, киноа, тестенини, па дури и само свежа салата. Ние го сервиравме со ориз и беше полн погодок. Ако готвите обичен ориз, почнете да го готвите одма пред да почнете со подготовката на пилешкото и сосот и така ќе биде готов во исто време со пилешкото. А, ако навистина сте во брзање, тогаш оризот што се продава во ќесички е најлесен избор, но не толку економичен како обичниот ориз.
Како да го подготвите пилешкото?
Доколку користите замрзнато пилешко ќе треба да биде целосно одмрзнато пред да почнете со работа. Исечете го пилешкото на помали парчиња во форма по ваш избор и ставете го во подлабок сад. Потоа убаво измешајте го со маслиновото и зачините и додека го правите сосот тоа ќе си се маринира.
Што ако не го сакате многу вкусот на кикирики?
Не се секирајте, и ова лесно се менува. Единствено изоставете го путерот од кикирики од сосот и оставете ги само печените кикирики. Доколку го правите ова, тогаш нема ни потреба од загревање на сосот, само измешајте ги состојките и ставете го кога ќе биде пилешкото готово.
Пилешко во сос со кикирики
Состојки
Состојки за сос
- 500 мл млечна хопла
- 50 г путер од кикирики
- 1 лажичка кари зачин
- 2-3 лажици соја сос или теријаки
- 1 лажичка чили или лут црвен пипер
- 1 лажица кафеав шеќер опционално
- 1 лажица алкохолен оцет опционално
Состојки за пилешкото
- 500-600 г пилешки стек
- 100 г печени и несолени кикирики
- 1 лажица маслиново масло
- 1 лажичка кари
- 1 лажичка сол и други зачини по желба
Инструкции
- Исечете го пилешкиот стек и маринирајте го кратко со маслиновото и зачините.
- За тоа време, измешајте ги сите состојки за сосот.
- Во тенџерче загрејте го за состојките убаво да се соединат и потоа тргнете го сосот на страна.
- Испржете го пилешкото во нелепливо тавче и кога ќе биде готово ставете ги кикириките и оставете го да се готви уште 2-3 минути.
- На крај додадете го сосот и гответе уште неколку минути, само колку да се згусне малку.
- Можете да го сервирате со ориз и салата или додаток по ваша желба.
Notes
- Ако сервирате со ориз, започнете да го готвите пред месото зашто му треба повеќе време.
- Јас користев GUD DIET кикирики, ги има во сите маркети, но исто така има и други опции.
- Млечната хопла може да ја замените и со растителна.