Имате презреани банани и не знаете што да им правите? Овие здрави крем банани се прават пребрзо и се супер десерт или ужина под 100 калории од парче. Супер за со кафе или периодот помеѓу ручек и вечера кога често ни се пријадува некое блакце.
Состојки во здрави крем банани
Овие здрави крем банани се направени од само 5 состојки. Единствената состојка којашто можеби ја немате дома е кокосовото брашно, но среќа сега го има во секоја втора продавница, а и онлајн. Ќе ви оставам линк. Потребно ви е:
- Kокосово брашно – има специфична текстура и својства. Впива многу вода и затоа не е баш за секој рецепт, но во овој рецепт врши супер функција зашто ја впива влажноста од бананите. Може да пробате да го замените со мелена плазма, но најверојатно малку поголема количина.
- Банани– не може крем банани без банани. Јас искористив две средни банани што ептен ми беа презреани и ги имав дома.
- Путер од јатки – го ставив за да додадам малку масти и кремаста текстура на крем бананите.
- Мед – засладувач во рецептов заедно со бананите. Може да користите и некој друг засладувсч
- Црно чоколадо – крем бананите не се комплетни без црно чоколадо одозгора.
Како да ги подготвиш здравите крем банани?
Многу едноставно. Буквално треба само убаво да ги измешаш состојките. Потоа, формирај бананчиња или пак ако ти е полесно бомбици.
Стопи го чоколадото заедно со 1 лажица масло и едно по едно покриј ги крем бананите со чоколадо.
Тука погледни го начинот на подготовка
Други превкусни рецепти што можеби ќе ви се допаднат
Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3
Здрави крем банани
Состојки
- 2 средни презрели банани
- 3 лажици мед може и повеќе по вкус
- 80-90 г кокосово брашно
- 2 лажици путер од јатки
- 1/2 лажичка ванила екстракт опционално
- 100 г црно чоколадо + 1 лажица кокосово масло
- 1-2 лажици растително млеко по потреба
Инструкции
- Испасирај ги бананите. Измешај ги сите состојки, освен чоколадото со маслото и остави ја смесата да отстои 5 минути. Кокосовото брашно впива влажност.
- По потреба додади 1-2 лажици растително млеко. Смесата треба да биде влажна, не смее да се рони.
- Направи околу 15 крем банани и стави ги во фрижидер додека го топиш чоколадото.
- Стопи го чоколадото со маслото и една по една покриј ги бананите со чоколадото.
- Остави ги да се оладат за да се стегне чоколадото. Чувај ги во фрижидер и слободно консумирај ги 5 дена.