Банана Гранола

2K

Вкусот на свежа домашна гранола не може да се спореди со купечка. А, зошто би купувале кога гранола се прави прелесно и е дефинитивно поекономично од сите квалитетни граноли што сум ги нашла.

Оваа банана гранола мене можеби ми е омилена, совршена за секој период од годината и со големи крцкави парчиња.  Засладена е со малку мед и со бананата и содржи многу јатки коишто се богати со здрави масти.  Мојот омилен начин да ја јадам оваа гранола е со грчки јогурт и овошје за доручек или пак со чиа пудинг. Протеините од грчкиот јогурт и мастите и сложените јаглехидрати од гранолата прават балансиран доручек кој ќе ве држи сити со часови.

Состојќи во банана гранола
За оваа гранола ви требаат неколку едноставни состојки коишто можеби веќе и ги имате дома.

  • Овесни снегулки – најдобро е да се користат крупни овесни снегулки, но со било какви овесни снегулки ќе добиете супер гранола.  Овесните снегулки се богати со сложени јаглехидрати и диететски влакна што се секогаш супер избор за доручек. За безглутенска верзија, купете овесни снегулки кои се означени дека се без глутен.
  • Јатки – изборот на јатки е целосно ваш. Јас премногу ги сакам индиските ореви во вакви комбинации. Јатките се богати со масти коишто имаат многу бенефити за нас и нормално ја прават оваа гранола позаситувачка .
  • Мед – медот е еден од најдобрите засладувачи за вакви рецепти.
  • Кокосово масло – кокосовото масло не само што помага во вкусот туку и во спојувањето на состојките и додавање крцкавост на гранолата.
  • Банана – бананата дава прекрасен вкус, блажина на гранолата и помага во правењето на големи крцкави парчиња гранола.
  • Суво грозје – даваат блажина и промена на текстурата бидејќи за разлика од јатките и овесот, грозјето има мека текстура.
  • Цимет – според мене, неопходен додаток за оваа гранола зашто ни ја дава таа убава арома.
  • Кокос и чоколадо – опционални состојки кои не мора да ги додадете, но во мојата гранола МОРА да има барем малку чоколадо.
granola

Совети за подготовка на вкусна гранола
Убаво измешајте ги сите состојки и потоа притиснете ги на хартијата за печење за да се формираат големи парчиња гранола.

  • Печете ја гранолата на пониска температура за да не ви загори и да ја добиете таа екстра крцкава текстура.
  • Кога ќе ја извадите од рерна не ја промешувајте одма за да не ги растурите големите парчиња.
  • Кокосот и сувото грозје додадете ги Kна крај за да не загорат.

Идеи за оброци со банана гранола
Знаеме дека гранолата е супер избор за meal prep и може да ни заштеди многу време во приготвување на доручек. Моите омилени начини да ја јадам оваа гранола е со грчки јогурт и овошје или пак со чиа пудинг. Исто така. гранолата е супер избор за ужина доколку не сте дома. Само спакувајте ја во пластично ќесе или тегличка и имате вкусна и балансирана ужина.

 

Како да ја чувам гранолата?

Гранолата може да се чува во тегла или во добар пластичен сад. Слободно може да трае и повеќе од 1 месец, но не верувам дека ќе остане неизедена.

Тука погледни како да ја подготвиш гранолата

Банана гранола

Гранола со големи парчиња, крцкава и со многу јатки. Според мене, тоа е совршена гранола која им се свиѓа на сите.
Подготовка10 minutes
Готвење35 minutes
Вкупно време45 minutes

Состојки

  • 1 банана
  • 250 г овесни снегулки
  • 250 г микс јатки
  • 50 г мед или друг засладувач
  • 50 г кокосово масло
  • 50 г кокос опционално
  • 100 г суво грозје
  • 1 лажичка цимет
  • сецкано црно чоколадо опционално

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 160°С.
  • Измешајте ги сите состојки, освен кокосот, сувото грозје и ако користите, чоколадото.
    granola ingredients
  • Ставете ја гранолата на големо тавче обложено со хартија за печење.
    granola
  • Печете ја околу 30 минути.
  • Извадете ја од рерна и ставете го кокосот и сувото грозје и вратете ја да се потпече уште 5-10 минути.
    granola
  • Почекајте да се олади па складирајте ја во тегли.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Recipe Rating




Close
Anamarija's Kitchen © Сите права задржани 2022.
Close