Пилешка Манџа Со Просо

914

Манџите заслужуваат место помеѓу најдобрите ручеци. Богати со сите нутриенти, супер хранливи и ја греат душата. Оваа пилешка манџа со просо нема да ве разочара и ќе посакате да ја правите одново и одново. Содржи сочно пилешко, грашок, моркови, и е зачинета со ѓумбир и куркума, што ја прави комплетна.

Манџите отсекогаш ми биле едни од омилените оброци, а особено кога бев веган и консумирав многу легуминози. Рецептот за оваа манџа излезе сосема случајно, кога немаше многу избор во фрижидер, а сакав брз и балансиран ручек. Но, вкусовите ме изненадија, и додатокот на просо ја прави оваа манџа уште повеќе заситувачка.

Состојки потребни за пилешка манџа со просо

Секоја состојка во овој оброк е додадена со одредена цел и затоа добивате ручек со доволно протеини, јаглехидрати и богат со микронутриенти. Оваа манџа е безглутенска, содржи комплексни јаглехидрати кои ќе ве држат сити подолго време и остатоците може слободно да ги јадете наредниот ден. Омилен дел кај овој рецепт ми се зачините, односно куркумата и ѓумбирот, кои некогап забораваме да ги користиме, но имаат многу бенефити.  Да не заборавиме дека целиот оброк е готов за помалку од 40 минути.

  • Пилешки стек – главен извор на протеини
  • Моркови – зеленчук кој мора да го има секоја манџа 
  • Куркума – зачин со антиинфламаторно дејство и малку лут вкус. Најдобро е да се комбинира со бибер за подобра апсорпција на активните соединенија.
  • Ѓумбир – малку попознат зачин за нас, многу сличен со куркумата. Супер за настинка, дигестија и со антиинфламаторно дејство.
  • Компири – главен извор на јаглехидрати во овој рецепт.
  • Просо – во овој рецепт го додадов за уште повеќе да се крене нутритивната вредност на една порција.
  • Лук и кромид – супер за вкус и за сите здравствени бенефити кои ги нудат. Во овој рецепт се убаво зготвени и затоа не би требало да ни сметаат во дигестијата.
  • Коцки за супа – ставам во манџи од неодамна и затоа не додавам многу сол или вегета, а вкусот ми се свиѓа многу повеќе. Користам зеленчукови или пилешки.
Колку дена може да ја чувате оваа манџа во фрижидер?

Поради компирите, кои не се толку стабилни како други состојки, оваа манџа ви препорачувам да ја чувате во фрижидер до 2 дена. Откако ќе ја зготвите и ќе се олади, веднаш складирајте ја во фрижидер за да се избегне започнување на било какви процеси на расипување.

Како да го подготвите пилешкото?

Откако пилешкото ќе биде сварено во манџата, извадете го во посебен сад и со помош на две вилушки искинете го на мали парчиња и вратете го назад во манџата. Ова ми е омилен начин на готвење на пилешко за во манџи и супи.

Што ако не јадете месо?

Не се секирајте, и ова лесно се менува. Единствено изоставете го пилешкото и додадете екстра грашок и просо или зеленчук по ваш избор. Ова малку ќе ги намали протеините во една порција, но оброкот сепак ќе биде супер избалансиран.

Пилешка манџа со просо

Една поразлична манџа полна со нутриенти, и најважно, превкусна. Многу лесен ручек и супер за meal prep.
Подготовка5 minutes
Готвење30 minutes
Вкупно време35 minutes
4 порции

Состојки

  • 1 кромид ситно исецкан
  • 2-3 чешниња лук
  • 2 лажици маслиново масло
  • 3 моркови исецкани на кругчиња
  • 2 компири средно исецкани
  • 1 чаша замрзнат грашок
  • 500 г пилешки стек исечен само на 2-3 парчиња
  • ½ чаша просо
  • 2-3 лажички куркума
  • 2-3 лажички ѓумбир
  • 2 коцки за супа
  • 6-7 чаши вода
  • сол, бибер, рузмарин, мајчина душичка

Инструкции

  • Во тенџерето каде што ќе се готви манџата пропржете ги малку кромидот и лукот.
  • Додадете ја водата, морковите, стекот, компирите, коцките за супа и другите зачини.
  • Оставете ја манџата откако ќе зоврие да врие 5-10 минути, додека да не омекнат малку компирите, па потоа додадете ги просото и грашокот. Тие брзо се готват.
  • Кога ќе видите дека просото е скоро зготвено, извадете го стекот и искинете го со вилушка на помали парчиња.
  • Вратете го во манџата уште 5 минути и по потреба додадете уште вода. Пробајте да видите дали е доволно зачинета.

Notes

  • Коцката за супа што ја користев беше за 500 мл вода.
  • Наместо пилешки стек, може да користите копан или надкопан.
  • Доколку сакате манџата да биде посна, додадете плус зеленчук или уште грашок

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Recipe Rating




Close
Anamarija's Kitchen © Сите права задржани 2022.
Close