Најдобриот поздрав колач со тиква којшто многу веројатно ќе ви стане еден од омилените есенски десерти. Има само неколку сосојки како грчки јогурт, овесно брашно, пире од тиква и се разбира цимет. Чоколадото е совршен додаток доколку сакате овој колач да биде десерт, но може слободно да го изоставите ако го правите колачот за доручек.
Имам само уште 2-3 останати тикви од село и ептен ми е жал да ги потрошам волку рано, но навистина морам да го направам овој колач пак. Го правам веќе неколку години по ред и име омилен на сите. Верувајте, се јаде побрзо и од банана колач.
Оваа комбинација на состојки нема утка и гарантирано ќе ви излезе вкусен колач. Бонус е тоа што се прави само во еден сад, а не ви треба ни миксер.
Состојки потребни за колач со тиква
Кај скоро сите мои рецепти за вакви колачи ќе ги видите истите состојки и тоа не е случајност. Ако најдете состојки што одат добро заедно, нема потреба да менувате многу за да го добиете посакуваниот краен резултат.
Влажни состојки:
- Грчки јогурт – му дава многу убава текстура на колачот и затоа го користам скоро секогаш.
- Мед – засладувач кој најчесто го користам за рецепти со ваква текстура.
- Јајца – за овој рецепт ви требаат 3 јајца.
- Масло – можете да користите сончогледово, кокосово, маслиново, но кокосово и маслиново може да му дадат специфичен вкус.
- Пире од тиква – печена тиква којашто само ќе ја испасирате со вилушка.
Суви состојки:
- Цимет – вакви рецепти без цимет не може!
- Овесно брашно – мелени овесни снегулки. Овесното брашно во вакви рецепти често дава многу влажна текстура и затоа не го користам исклучиво тоа, туку во комбинација со друго брашно.
- Брашно – може да користите повеќе различни видови.
Замена на состојките за колач со тиква
Неколку од состојките за овој колач со тиква можете слободно да ги замените и да добиете многу сличен резултат. Грчкиот јогурт може да го замените со павлака, пченичното брашно може да го замените со хељдино или интегрално, а може да користите различни масла и медот може да го замените со друг засладувач.
Како да го подготвите колачот со тиква
За овој колач со тиква потребен ви е само еден сад и тоа е уште една причина што толку ги сакам овие рецепти. Прво убаво ги мешате влажните состојки со маталка или рачен миксер и потоа постепено ги додавате измешаните суви состојки. Смесата потоа ја истурате во сад кој е обложен со хартија за печење и колачот со тиква оди директно на печење.
Совети за колач со тиква што мислам дека ќе ви помогнат
- Користете нелеплив долгнавест сад кој ќе го обложите со хартија за печење за колачот со тиква да не се залепи.
- Не претерувајте со мешање на смесата. Овој колач не содржи многу глутен и е доста влажен па затоа треба да се потрудиме да го задржиме воздухот од матените јајца и да ја зачуваме активноста на прашокот за пециво.
- Додека се пече колачот со тиква не ја отварајте рерната и доколку ви изгледа дека не е готов, не го вадете од рерна за да не падне волуменот.
Други превкусни рецепти есенски рецепти што можеби ќе ви се допаднат
Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3
Колач со тиква
Состојки
- 150 г пире од тиква испасирана печена тиква
- 150 г грчки јогурт или павлака
- 100 г мед
- 3 јајца
- 100 г масло по избор
- 100 г овесно брашно мелени овесни снегулки
- 120 г брашно бело или интегрално/хељдино
- 2 лажички прашок за пециво
- 100 г сецкано чоколадо опционално
- 1 лажичка цимет
Инструкции
- Загрејте ја рерната на 180°С и обложете долгнавесто тавче со хартија за печење.
- Измешајте ги сите влажни состојки убаво.
- Потоа, додадете ги сувите состојки и внимателно измешајте.
- На крај, ставете сецкано чоколадо. ставете ја смесата во тавче.
- Печете околу 60 минути, по потреба неколку минути помалку или повеќе.