Посен јаболко колач

4.4K

Есенски и многу сочен колач со јаболки и ореви што верувам дека ќе ви се допадне. Ова ми е омилен колач за со чај или кафе, а е навистина многу лесен за правење. Оригиналниот рецепт беше на баба ми и јас само го адаптирав за да има помалку високо процесирани состојки.

Оваа година сум пресреќна што имаме повеќе ореви во село и така можам да готвам многу вакви превкусни колачи. Сезоната на јаболки и ореви е можеби мојот омилен период од годината и затоа очекувајте барем уште неколку рецепти со нив.

sostojki posen jabolko kolac
Состојки во посен јаболко колач

Овој колач има само неколку секојдневни состојки кои најверојатно веќе ги имате во својот дом. Оваа комбинација на состојки ќе направи совршен есенски вкус и домот ќе ви биде исполнет со прекрасен мирис.

  • Јаболки – можеби главната состојка во овој колач. Користиме рендани јаболки кои многу придонесуваат за текстурата.
  • Ореви – во овој рецепт оревите не само што ни служат за додаток на вкус, туку и служат како замена на дел од брашното.
  • Брашно – во овој рецепт користиме мешавина од пченично и овесно брашно за да добиеме сочен колач.
  • Мед – во овој рецепт како засладувач избрав да користам мед, но може и друг течен засладувач.
  • Сода бикарбона – за нараснување на овој посен колач.
  • Џем од кајсии – го користиме после печење за да го премачкаме целиот колач.
Замена на состојки во посен јаболко колач

Бидејќи користиме само неколку секојдневни состојки, во овој колач нема премногу простор за замена на состојки. Овесното брашно може да се замени со пченично, медот со друг течен засладувач. Џемот од кајсии исто така може да го замените со некој друг киселкаст џем, а доколку немате сода бикарбона може да користите прашок за пециво. Оревите придонесуваат многу за вкусот, но доколку немате ореви може да користите други јатки или микс од јатки.

posen jabolko kolac
Како да го направите овој прекрасен колач со јаболки
  1. Излупете ги и изрендајте ги јаболките. 
  2. Измешајте ги сите влажни состојки во еден сад.
  3. Во друг сад, измешајте ги убаво сувите состојки.
  4. Комбинирајте ги влажните и сувите состојки и измешајте.
  5. Обложете тавче со хартија за печење. Тавчето да биде со димензии отприлика 22х22cm.
  6. Ставете ја смесата во тавче и печете го колачот во загреана рерна се додека не добие убава боја и на тестот со чепкалка за заби нема остатоци.
  7. Кога ќе го извадите колачот во рерна, почекајте малку да се олади па премачкајте го со џемот од кајсии.
posen jabolko kolac

Други превкусни рецепти есенски рецепти што можеби ќе ви се допаднат

Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3

Посен јаболко колач

Есенски и многу сочен колач со јаболки и ореви што верувам дека ќе ви се допадне.
Подготовка10 minutes
Готвење35 minutes
Вкупно време45 minutes
16 парчиња

Состојки

  • 4 излупени и изрендани јаболки
  • 1 чаша масло 200г
  • 2 чаши брашно 250-260г
  • 1 чаша овесно брашно 100г
  • 1 чаша крупно мелени ореви 120-150г
  • 1 чаша мед 300г
  • 2 лажички сода бикарбона
  • сок од пола лимон
  • 2 лажички цимет
  • џем од кајсии

Инструкции

  • Се загрева рерната на 200°С.
  • Изрендај ги јаболките.
  • Измешај ги сите влажни состојки.
  • Во друг сад измешај ги сувите состојки.
  • Комбинирај ги влажните и сувите состојки и измешај убаво.
  • Обложи тавче со големина отприлика 22х22cm со хартија за печење.
  • Колачот се пече 30-35 мин или додека чепкалка за заби после боцкање излезе чиста.
  • После печење почекајте малку да се олади па премачкајте го со џем од кајсии.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Recipe Rating




Close
Anamarija's Kitchen © Сите права задржани 2022.
Close