Дали знаете колку е лесно да направите домашни њоки со сладок компир? Ви требаат само 4 состојки: печен благ компир, урда, јајце, брашно и околу половина час. Њоките овој пат ги комбинирав со сос од путер и крцкави печурки. Беа навистина превкусни.
Поминаа повеќе од 2 години од последниот пат кога правев њоки. И не знам зашто одбрав баш овој ден да правам њоки. Дома немавме вода, за саат време требаше да одам на аеродром, а јас уште ја немав ни спакувано опремата со којашто снимам. Среќа излегоа превкусни, па не одев накај аеродром цела со брашно и со незавршен рецепт. Садовите што ги оставив беа друга работа. Не мора да зборуваме за тоа 😂
Состојки во њоки со сладок компир
- Сладок компир – ни требаат 2 средни слатки компири коишто прво треба да се испечат. Јас ги печам во рерна, најчесто еден ден порано додека правам друго јадење. Така правењето на њоките е многу побрзо.
- Урда -сакам да додавам урда во њоките зашто им дава поубава текстура и плус ја зголемува количината на протеин.
- Јајце – ни треба 1 јајце за спојување на сите состојки.
- Брашно – обично пченично брашно или може да пробате да ги направите и со некое друго. Јас немам пробано.
- За сосот – ни требаат печурки, маслиново масло, путер, сол и лук во прав. Толку едноставно, но превкусно.
Како да го зготвам слаткиот компир?
Прво, загреј ја рерната на 200 степени. Измиј ги убаво компирите и избоцкај ги со вилушка. Обложи го тавчето со хартија за печење, стави ги компирите и готви ги додека не омекнат целосно. Вилушката лесно ќе поминува низ лушпата. Тоа е околу 45 минути до 1 час.
Убавината во њоките е тоа што навистина не мора да се замарате со месење, оформување. Дури и секое парче да е различно нема многу да се познава. Само гледајте големината да им е слична за да се зготват во исто време.
Како да направам крцкави печурки?
Овој трик за готвење на печурки го видов кај Теа и сега сум опседната. Исечете ги печурките. Загрејте нелепливо тавче на средна температура, ставетеги печурките и така гответе ги со повремено мешање се додека не им испари водата. Кога ќе им испари водата, додавам многу малку масло, сол и лук во прав. Ги готвам така 2-3 минути и потоа за да направам сос ставам неколку лажици путер и готвам 4-5 минути или по потреба повеќе за печурките да станат супер крцкави.
Замена на состојки за њоки со сладок компир
- За овој рецепт слаткиот компир може да го замените со обичен компир или пак со тиква. Ако користите тиква можеби ќе ви треба малку повеќе брашно.
- Урдата може да ја замените со рикота и нема да има никаква разлика во рецептот.
Други превкусни рецепти што можеби ќе ви се допаднат
Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3
Њоки со сладок компир
Состојки
- 2 печени слатки компири околу 350 грами
- 1 јајце
- 120 г урда или рикота
- 250-300 г брашно
- 1 лажичка сол
За печурките
- 500 г сецкани печурки
- 1 лажица маслиново масло
- неколку лажици путер
- сол и лук во прав
Инструкции
- Измешајте ги сите состојки за њоките. Прво ставете 250г брашно па додавајте по потреба. Тестото ќе биде малку лепливо, но лесно за обработка.
- Префрлете го тестото на набрашнета површина и поделете го на 4 дела.
- Од секој дел со раце направете "змија" со дијаметар отприлика 2-3цм. Потоа исто така исечете њоки со должина 2-3 цм.
- Наполнете едно големо тенџере со вода и ставете го да зоврие. За тоа време ставете ги печурките во нелепливо тавче загреано на средна температура.
- Ги готвите печурките така додека не испари водата, потоа го додавате маслото и зачините и ги готвите 2-3 минути. На крај, го ставате путерот и готвите се додека печурките не станат супер крцкави.
- Кога ќе зоврие водата за њоките, ставате 1/2 од њоките и ги готвите додека не испливаат на површината. Потоа ги вадите и ставате да се вари другата половина.
- Зготвените њоки ставете ги во печурките, измешајте, сервирајте и додадете пармезан по желба.