Пилешки ќофтиња во соја сос

987

Превкусни пилешки ќофтиња во соја сос со сусам. Балансиран оброк со различни вкусови. Јас ги сервирав ќофтињата со брокула која ја потпржив на крај во сосот и со долгозрнест ориз, но вие може да ги сервирате со вашите омилени додатоци.

Секоја недела пробувам да направам барем еден поразличен ручек, а овој од малку поразличен се префрли на листата на редовни ручеци бидејќи излезе навистина превкусен. Комбинацијата на соја сос и сусам ми е една од омилените и се надевам дека и на вас ќе ви се допадне.

Состојки што ви требаат за пилешки ќофтиња во соја сос

Посебни се оброците каде што состојките одат волку добро еден со друг. Еве ги состојките што ви требаат:

  • За ќофтињата: мелено месо, јајце, кромид, кашкавал, презла, масло, ѓумбир, лук, црвен пипер и сол
  • За сосот: соја сос, вода, брашно или густин, сусам, ѓумбир, лук, кафеав шеќер и чили сос
  • Додатоци за сервирање: свежа или замрзната брокула и обичен долгозрнест ориз кој ни е главниот извор на јаглехидрати.
Како може да го адаптирате овој рецепт?
  • Направете го без глутен – едноставно користете безглутенска презла или заменете ја презлата со некое безглутенско брашно.
  • Пробајте го овој оброк со друг зеленчук – користете прокељ, или пак печурки, пиперки, па дури и моркови.
  • Направете го оброкот понизок во јаглехидрати – наместо ориз може да користите “ориз” од карфиол или некоја паста со помалку јаглехидрати.
pileski koftina vo soja sos
Замена на состојки

Пилешкото може да го замените со мелено мисиркино месо или пак наместо мелено да користите сецкано пилешко месо. Соја сосот може да го замените со теријаки сос. Доколку не сакате да користите кафеав шеќер, може да го замените со мед или сличен засладувач. Ако не јадете месо, може да пробате да го направите рецептов со сецкано тофу коешто ќе го пропржите и на крај ќе го додадете сосот.

Направете екстра сос

Ако правите поголема количина ориз или зеленчук, слободно направете дупла количина од сосот за да имате доволно за целиот зеленчук и ориз.

pileski koftina vo soja sos
Како да ги направите пилешките ќофтиња во соја сос?
  1. Измешајте ги убаво состојките за сосот.
  2. Во поголем сад ставете ги сите состојки за ќофтињата, измешајте и направете околу 20 ќофтиња. За полесно формирајте ставете масло или вода на рацете.
  3. Загрејте нелепливо тавче со малку масло на средна температура. Важно е ќофтињата да се зготват добро. Може да користите и капак за подобро да се зготват.
  4. Додека се готват  ќофтињата, ставете го оризот да се вари.
  5. Кога ќе добијат убава боја и сте уверени дека се зготвени, ставете го сосот и пазете температурата да не е висока бидејќи сосот може брзо да испари.
  6. Кога ќе ги тргнете ќофтињата од тоа тавче, во истото тавче може да ја пропржите и брокулата.
  7. Сервирајте ги ќофтињата заедно со брокулата и оризот.
Други превкусни рецепти за ручек што можеби ќе ви се допаднат

Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3

Пилешки ќофтиња во соја сос

Сочни пилешки ќофтиња комбинирани со крцкава брокула и вкусен соја сос. Овие ќофтиња се совршена и лесна вечера за целото семејство. Сервирани со ориз или со вашиот омилен додаток, ова јадење може да се направи по сечиј вкус.
Подготовка15 minutes
Готвење20 minutes
Вкупно време35 minutes
4

Состојки

Состојки за ќофтиња

  • 500 г мелено месо пилешко или мисиркино
  • 1 кромид
  • 1 јајце
  • 1-2 лажици масло
  • 40-50 г ситно рендан кашкавал
  • 30-40 г презла
  • 1 лажичка црвен пипер
  • 1 лажичка лук во прав или свеж лук
  • ¼ лажичка бибер
  • ½ лажичка сол

Состојки за сос

  • 5 лажици соја сос
  • ½ чаша вода
  • 1 лажичка брашно или густин
  • 2 лажици сусам
  • 1 лажица рендан ѓумбир или ѓумбир во прав
  • 1 лажица лук свеж или во прав
  • 2 лажици кафеав шеќер
  • 1-2 лажички лут чили сос опционално

За сервирање

  • ориз
  • брокула

Инструкции

  • Измешајте ги сите состојки за сосот.
  • Комбинирајте ги сите состојки за ќофтињата и формирајте мали ќофтиња, отприлика 20.
  • Доколку користите брокула, обарете ја малку брокулата и тргнете ја на страна и за ова време ставете да се готви ориз.
  • На нелепливо тавче на малку масло и на средна температура убаво згответе ги ќофтињата (на пилешкото и мисиркиното внатрешната температура треба да им биде 74°С и затоа е важно да се зготват убаво)
  • Кога ќе бидат готови, додадете го сосот и кога ќе се згусне одма тргнете ги ќофтињата и ставете ги во сад.
  • Во истото тавче можете малку да ја пропржите и брокулата.

Notes

  • Ако сакате рецептот да биде без млечни производи, единствено заменете го кашкавалот со 20-30г презла.
  • За да можете полесно да формирате ќофтиња, намокрете ги дланките или ставете малку масло на дланките пред да формирате ќофтиња.
  • Ако сакате повеќе сос, дуплирајте ги состојките за сосот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Recipe Rating




Close
Anamarija's Kitchen © Сите права задржани 2022.
Close