Кардамом ролнички се меко, сочно пециво со прекрасна и силна арома кардамом. Ова пециво потекнува од Шведска и најмногу асоцира на фика. Фика е голем дел од шведската култура. Би се превело како “пауза за кафе и торта/пециво”, но претставува многу повеќе од тоа.
Претставува концепт, цел начин на однесување и живот. Овој ритуал е нешто што го одржува тој баланс во брзиот начин на живеење и затоа има големо значење. Како поборник за баланс во исхраната, овие ролнички имаат поголемо значење од само едно превкусно пециво. Како диететичар, никогаш не сакам да постирам рестриктивна исхрана и сакам да ви покажам дека исхраната може да ги содржи буквално сите намирници што ги посакувате. Вакви пецива се дел од мојата здрава и балансирана исхрана и може да бидат дел од твојата без да се грижиш дека јадеш нешто што не треба.
Други превкусни рецепти што можеби ќе ви се допаднат
Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3
Ролнички со кардамом
Состојки
Тесто
- 400 г брашно
- 1 пакетче сув квасец
- 70 г мек кафеав шеќер
- 250 мл млако млеко
- 75 г путер исецкан на коцкички на собна температура
- 1 лажичка кардамом
- 1/4 лажичка сол
Фил
- 75 г путер на собна температура
- 75 г мек кафеав шеќер
- 2 лажички кардамом
Глазура
- 60 мл вода
- 1 лажичка ванила екстракт опционално
- 50 г кафеав шеќер
За наросување
- шеќер помешан со кардамом
Инструкции
- Во сад, ставете го квасецот во млакото млеко заедно со малку брашно и измешај
- Кога ќе се активира квасецот во поголем сад измешај ги сите состојки за тестото, освен путерот. Ова можеш да го правиш и со миксер. Кога ќе се формира тесто додади го путерот и меси додека тестото не стане многу меко и еластично.
- Покриј го тестото со крпа со крпа и остави го да стаса околу половина час.
- За тоа време, измешај ги состојките за филот.
- Кога ќе стаса тестото, исукај правоаголник со димензии околу 50х30цм.
- Потоа, со помош на шпатула рамномерно нанеси го филот на тестото.
- Страната што е со големина околу 50цм подели ја на три и двата пократки делови превиткај ги накај средината.
- Исечи ленти со дебелина околу 2 цм.
- Секоја лентичка помеѓу прстите завиткај ја во ролничка и крајот протни го низ средината.
- Кога ќе ги направиш сите ролнички нареди ги на хартија за печење, покриј ги и остави ги да стасаат уште 20-30 мин. Рерната загреј ја на 200°С.
- Кога ќе стасаат, печи ги ролничките околу 10-15 мин. Пази да не загорат.
- Додека се печат загреј ги состојките за глазурата.
- Штом ќе излезат од рерна со помош на четка намачкај ги со глазурата па попрскај ги со шеќер и кардамом.