Тарт со бело чоколадо и малини

6.7K

Комбинацијата на чоколадо и малини ми е омилена. А, овој тарт со бело чоколадо и малини е за сите љубители на бело чоколадо. Вкусовите се вклопуваат совршено и навистина е прелесен за правење.

За овој тарт не ви требаат многу состојки. Кората е едноставен бисквит од овесно брашно, а базата на филот е кокосов крем. Секако, доколку не сакате бело чоколадо, може да го направите со обично чоколадо и без лимонов сок.

Состојки во тарт со бело чоколадо и малини

Состојките ги имате веќе во сите маркети, дури и во Кам маркет. Потребно ви е:

  • Мелени бадеми – но може да користите и бадемово брашно. На мојот инстаграм имам и рецепт за домашно бадемово брашно.
  • Овесно брашно – мелени овесни снегулки. Го користиме како главна состојка на кората.
  • Путер – потребен за секоја крцкава кора на тарт. Може да користите и маргарин.
  • Кокосов крем – односно густиот дел од кокосовото млеко. Може да користите и некое погусто кокосово млеко од конзерва.
  • Бело чоколадо – се разбира главната состојка.
  • Лимонов сок и кора – ги користиме за да ја неутрализираме малку блажината на белото чоколадо.
  • Малини – со нив правиме превкусно желе заедно со желатинот.
  • Кокосово масло – потребно ни е за да се стегне поубаво филот. Може да го замениме со малку густин+вода.
Како да го подготвиш тартот со бело чоколадо и малини?

Прво, треба да се измелат бадемите и овесните снегулки. Јас тоа го правам во нутри булет и е готово за 3о секунди.

Потоа го подготвуваме желето. Само малку ги загреваме малините, го ставаме желатинот кој претходно сме го раствориле според инструкциите и убаво мешаме. Го оставаме желето да се лади и зацврсне во фрижидер.

Додека се лади желето го правиме тестото за кората. Убаво ги мешаме сите состојки рачно па потоа го виткаме тестото во фолија и го ставаме кратко да се олади во фрижидер.

Додека се ладат желето и кората, ја загреваме рерната на 180 степени и го подготвуваме филот. Само кратко ги загреваме состојките за да се стопи чоколадото. Потоа го оставаме филот малку да се олади.

Го печеме тестото околу 15 мин. Кога ќе се олади, го распоредуваме желето па оладениот фил. Готовиот тарт го ставаме да се лади во фрижидер преку ноќ. Следниот ден украсуваме по наша желба.

Тука погледни го начинот на подготовка

Други превкусни рецепти што можеби ќе ви се допаднат

Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3

Тарт со бело чоколадо и малини

Совршен спој на благо бело чокоалдо и киселко од џемот од малини. Овој тарт е најдобриот пролетен десерт.
Подготовка40 minutes
Готвење20 minutes
Вкупно време1 hour

Состојки

Кора

  • 100 г мелени бадеми јас ги мелам во нутри булет
  • 180 г овесно брашно мелени овесни снегулки
  • 120 г стопен путер или маргарин за посна верзија
  • 2 лажици мед
  • 1/4 лажичка прашок за пециво
  • по потреба 1-2 лажици млеко

Желе од малини

  • 300 г замрзнати малини
  • 1 ќесичка желатин подготвен според инструкциите

Фил

  • 1 конзерва кокосов крем или ептен густо кокосово млеко
  • 300 г бело чоколадо
  • 1 лажичка ванила екстракт опционално
  • 3 лажици кокосово масло или 1 лажица густин растворен во 1 лажица вода
  • 1 лажица лимонов сок
  • кора од 1 лимон

Инструкции

  • За подготовка на желето само стопете ги малините, не ги загревајте многу зашто желатинот нема на функционира (максимум 60 степени).
  • Додадете го желатинот и промешајте убаво. Оставете да се стегне желето во фрижидер барем 1-2 часа.
  • За подготовка на кората измешајте ги сите состојки, оформете тесто и ставете го во фолија да се олади барем половина час во фрижидер.
  • Кога ќе се ладат желето и кората направете го филот. Само благо загрејте ги состојките (колку да се стопи чоколадото).
  • Загрејте ја рерната на 180 °С. Распоредете ја кората во тавче за тарт (26цм). Печете околу 15 минути. Кога ќе биде готово почекајте да се олади па распоредете го желето и на крај истурете го филот.
  • Ставете го тартот да се лади во фрижидер преку ноќ. Следниот ден украсете го по ваша желба.
tart so belo cokolado i malini

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Recipe Rating




Close
Anamarija's Kitchen © Сите права задржани 2022.
Close