Вегански колачиња направени во еден сад совршени за доручек или балансирана ужина. Збогатени со состојки како бадеми, овес, кокосово масло, овие вегански колачиња се супер нутритивни. Исто така се многу добар избор за meal prep бидејќи без проблем ќе траат повеќе денови.
Овие колачиња беа толку вкусни што ги правев неколку пати во една неделно. Природно се вегански, без глутен и текстурата им е најдобра комбинација на меко и крцкаво колаче. Може да ги направите со најразлични додатоци и верувам дека секако ќе излезат вкусни.
Што ги прави овие колачиња посебни?
Не многу вегански колачиња ми излегле и вкусни и со добра текстура. Или се ронеле, или биле како пудинг. Овие колачиња ми излегоа поразлично од сите претходно што сум ги пробала, со малку крцкава корка и мека и сочна средина. Рецепт што вреди да го пробате
Состојки во овие вегански овесни колачиња
- Овесни снегулки – ни даваат сложени јаглехидрати, диететски влакна и посебна текстура
- Банана и кокосов шеќер – овие колачиња ги засладуваме со малку кокосов шеќер и зрела банана. Бананата исто така придонесува за текстурата на овие колачиња и ги прави меки и сочни.
- Кокосово масло – кокосовото масло го користиме за да ги споиме поубаво состојките и да им дадеме влажност на колачињата.
- Бадемово брашно – го користиме како замена за бело брашно и во овој рецепт одговара совршено. Бадемите исто така ни даваат екстра здрави масти.
- Суво грозје – го користиме како додаток за вкус и може слободно да се замени и со брусница или пак боровинки.
- Цимет и прашок за пециво – состојки што не смеат да се заборават во овесни колачиња.
Што може да им додадете на овие вегански колачиња?
Овие колачиња се многу добри бидејќи може да ги направите целосно по ваш вкус. Може да им додадете парчиња чоколадо (моето омилено), друго овошје, најразлични сецкани јатки како лешници, ореви, бадеми, и секој пат ќе добиете колаче со малку поразличен вкус.
Неколку забелешки за совршени колачиња
- Користете зрела банана за колачињата да имаат повеќе блажина.
- Пред да ги ставите на хартија за печење, убаво оформете го топчето за колаче и потоа малку притиснете го на хартијата бидејќи ова колаче нема многу да порасне.
- Пазете да не ги препечете. Чим почнуваат краевите да добиваат боја, извадете ги и оставете ги да се оладат.
Како да ги чувате?
- Откако ќе се оладат убаво ставете ги во пластичен или стаклен сад и слободно чувајте ги на собна температура 1-2 дена, а потоа ставете ги во фрижидер.
- Можете да пробате и да ги замрзнете, иако кај мене не останале толку долго неизедени за да го пробам ова. Исто како и за чувањето во фрижидер користете пластичен сад и пред јадење извадете ги на собна температура да се одмрзнат.
Други превкусни рецепти со овес и банана што можеби ќе ви се допаднат:
Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3
Вегански овесни колачиња
Состојки
- 1 банана
- 3 лажици стопено кокосово масло
- 50 г мек кафеав шеќер
- 60 г овесно брашно мелени овесни снегулки
- 60 г ситни овесни снегулки
- 100 г бадемово брашно мелени бадеми
- 50 г суво грозје
- 1 лажичка цимет
- 1 лажичка прашок за пециво
Инструкции
- Ја загревате рерната на 180°С.
- Ја пасирате бананата и ја мешате со сите состојки освен овесот, бадемовото брашно и додатоците .
- Потоа ги додавате овесот, мелените бадеми и додатоците по избор и убаво мешате.
- Формирате 9 топчиња кои малку ги сплеснувате и ги редите на хартија за печење.
- Ги печете колачињата околу 20 минути, или додека не добијат златно кафена боја.
Notes
- Доколку сакате да бидат без шеќер или ги правите за мали деца, слободно тргнете го шеќерот од состојките.
- Јас правам домашно бадемово брашно, но како замена може да користите само мелени бадеми.
- Како замена за кокосово масло може да користите путер.
- Како замена за кафеав шеќер може да користите друг засладувач (како мед), но јас ги немам пробано така.
- Освен суво грозје, може да ставите брусница, чоколадо или некои додатоци по ваш избор.