Oва е дефинитивно највкусното гиро што сум го пробала, а можеби и секогаш кога ќе направиш нешто сам е највкусно. Месото се топеше во уста, а домашните пита лепчиња испаднаа совршени. Ова е еден ручек за којшто треба можеби повеќе од 2 часа, но кога ќе пробате ќе видите зашто вреди целиот труд
Прекрасен рецепт за викенд, месото го маринирате вечерта пред да го готвите, дури и пита лепчињата може да ги подготвите ден претходно и следниот ден целата подготовка на гирото да оди многу брзо и лесно. Помфритот којшто го користиме е готов замрзнат, но може да направите и сами за екстра домашен вкус.
Состојки за домашно гиро
- За месото – користиме свинска плешка што е меко месо, сенф, различни зачини и кромид. Маринирањето на месото го прави уште помеко, посочно, а вкусовите поинтензивни. Најдобро е да се маринира вечерта пред да го готвите, но може и 1-2 часа пред печењето.
- За пита лепчињата – ни треба брашно, млеко, масло, квасец, сол и мед или шеќер. Овие лепчиња се прилично едноставни за правење и не мора да сте искусни во месење за да ви излезат добро. Не се плашете да ставите масло кога ги формирате.
- За ѕаѕики – грчки јогурт, краставица, маслиново и зачини. Краставицата ја рендаме и по потреба цедиме вишок течност.
- Додатоци – помфрит, домат, кромид. Користење готов помфрит е дефинитивно најлесно, а јас го печам во рерна не само зашто е полесно, туку и поздраво.
Замена на состојки за домашно гиро
- Свинското месо може да го замените со пилешко месо.
- Како замена за грчкиот јогурт може да користите обична павлака.
- Наместо домашни пита лепчиња може да купите готови.
Како да го зготвите пилешкото?
Готвењето на пилешкото е многу побрзо и поедноставно отколку што изгледа.
- Исечете го на потенки парчиња за да се зготви подобро.
- Измешајте ги состојките за маринадата и ставете го пилешкото да отстои во неа.
- Искржете го корнфлексот на мали парчиња. Тоа може да го направите во кесичка.
- Покријте го стекот убаво со корнфлексот и ставете ги парчињата на хартија за печење.
Како да го направите месото?
Ако се брзате и сакате месото побрзо да се испече, најдобро е да биде исечено на потенки парчиња. Убаво измасирајте го со зачините, ставете го во садот што ќе се пече и покријте го со фолија за да се маринира.
Кога ќе биде спремно за печење, покријте го со алуминиумска фолија и ставете го во загреана рерна. При крај на печењето извадете ја фолијата за убаво да се потпече. Кога ќе биде зготвено, исцепкајте го месото на помали парчиња со помош на вилушка.Ставете го во тавче и убаво пропржете го. Така го добива тој гиро вкус.
Други превкусни рецепти за ручек што можеби ќе ви се допаднат
Се надевам дека ви се свиѓа овој рецепт исто колку и мене! Ако го пробате, не заборавајте да ми напишете коментар или да ме тагнете на инстаграм на @anamarija.kuzmanovska . Уживајте! <3
Домашно гиро
Состојки
Месо
- 1 кг свинска плешка побрзо се пече ако е на парчиња
- 1 лажица маслиново масло
- 1 кромид покрупно исечен
- 2 полни лажици сенф
- 1 лажичка оригано
- 2-3 лажички вегета
- сол и бибер
- 1 чаша вода
Пита лепчиња
- 500 г брашно по потреба и повеќе
- 180 мл млако млеко или вода
- 150-170 мл млака вода
- 1 пакување сув квасец
- 2 лажици мед или шеќер
- 1-2 лажички сол
- 1 лажица масло плус екстра за обликување
Ѕаѕики
- 300-350 г грчки јогурт
- 1 краставица изрендана
- 1 лажица маслиново масло
- 1 лажица лимонов сок
- 1/2 лажичка копар
- лук по вкус
Останати состојки
- Помфрит
- Домати
- Кромид
Инструкции
- Измешајте го месото со зачините и оставете го да се маринира. Најубаво преку ноќ, но може и одма да го печете.
- Загрејте ја рерната на 200°С, наредете го месото во соодветен сад во зависност од тоа дали ви се помали парчиња или едно поголемо парче и ставете една чаша вода.
- Покријте го садот со капак или алуминиумска фолија. Јас парчињата ги печев 90 минути покриени и 30 минути откриени, но ако имате големо парче печењето ќе трае подолго.
- Додека се пече месото направете ги пита лепчињата. Се мешаат млаката вода и млекото со 1 лажица брашно и со квасецот и се остава да се активира околу 5 мин.
- Потоа се додава медот, маслото и солта и на крај брашното и се формира тесто кое ќе биде меко и малку лепливо. По потреба се додава уште малку брашно.
- Се остава тестото да нарасне околу 30 минути и потоа се дели на 8 дела и се формираат 8 топчиња.
- Топчињата се остават да стасаат уште 10-15 минути.
- За тоа време загреваме тавче на средна температура.
- Со намрсени дланки земаме топче и без многу да го малтретираме го растегнуваме и го ставаме да се пече во тавчето.
- Ги печеме од двете страни додека не добијат убава боја и внатре се зготват.
- Кога ќе биде готово месото, треба да се исцепка со вилушка и се става во тавче и се пропржува.
- Помфритот се става да се испече после месото.
- За ѕаѕикито се мешаат сите состојки.